Чави се враќа на тренерската работа и тоа во Премиер лигата?

by 24 фудбал
1 минути читање

Раководството на Тотнем е сериозно незадоволно од резултатите и прикажаната игра оваа сезона и сè погласно се размислува за промена на тренерската клупа, пренесуваат британските медиуми. По 16 одиграни кола во Премиер лигата, лондонскиот клуб се наоѓа на 11. позиција, а освен слабите резултати, најмногу му се замерува на Томас Франк што не успеал да воспостави препознатлив стил на игра. Данскиот стратег го презеде тимот во јули, но според клупската управа не е забележан никаков напредок во играта.

Медиумите од Англија наведуваат дека челниците на Тотнем сериозно ја разгледуваат можноста за ангажман на Чави Хернандез како потенцијално решение. Легендата на Барселона во моментов е без клуб, што дополнително ја олеснува евентуалната реализација на ваков потег.

Чави по завршувањето на играчката кариера ја започна тренерската работа во катарски Ал Сад, а од ноември 2021 до јуни 2024 година беше на клупата на Барселона. Со каталонскиот гигант ја освои титулата во Ла Лига во 2023 година.

Во Тотнем веруваат дека Шпанецот, со своето богато играчко и тренерско искуство, би можел да претставува долгорочно решение и да создаде работна атмосфера која ќе донесе атрактивна игра и борба за највисоките позиции во Премиер лигата и во европските натпреварувања. Дополнително, се смета дека фудбалерите кои во моментов играат под очекувањата, под водство на Чави би можеле повторно да го достигнат својот најдобар формален максимум.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×