Чаби Алонсо вели дека не може да вети дека со себе нема да понесе ниту еден фудбалер на Баер Леверкузен, а негираше и дека Флоријан Вирц му се доверил дека сака само трансфер во Баерн Минхен.
Чаби Алонсо попладнево соопшти дека по крајот на сезоната го напушта Баер Леверкузен, потег кој медиумите го најавуваа подолго време.
Се очекува тој да стане новиот тренер на Реал Мадрид, информација која самиот Чаби Алонсо во моментов не сака да ја потврди.
На средбата со новинарите, Шпанецот доби неколку прашања поврзани со трансфер пазарот, едно беше за наводното ветување дадено на спортскиот директор Симон Ролфес и генералниот извршен директор Фернандо Каро, дека нема да понесе ниту еден фудбалер со себе во новиот клуб.
„За жал не можам да му дадам такво ветување на Баер Леверкузен, ова не зависи само од мене“ – вели Чаби Алонсо.
Флоријан Вирц е еден од фудбалерите кои би можеле да го следат Чаби Алонсо на „Бернабеу“, а неодамна се појавија написи кои велеа дека двајцата имале разговор и фудбалерот му се доверил на тренерот дека сака само трансфер во Баерн Минхен.
„Јас немам такви информации. Ме нема информирано каде сака да ја продолжи кариерата, не сме зборувале за иднината“.