Шкендија утре на домашен терен со Шкупи од 17 часот ја отвора новата сезона од Првата македонска фудбалска лига, тренерот Јетон Беќири вели дека целта е да се остане на врвот.
Шкендија ќе ја брани, а останатите ќе ја напаѓаат титулата во ПМФЛ. Тетовскиот тим кој направи историски успех со пласман во групна фаза во Европа, цели највисоко и во домашниот шампионат.
„Секако дека нашата цел во новата сезона е одбрана на титулата. Сметам дека имаме потенцијал и имаме играчки кадар да одговориме на предизвиците и во првенството, и во Европа. Утре очекувам добра игра и да имаме победнички почеток на новата сезона. Секој противник го почитуваме и го цениме, нема потценување за никого, ние ќе ја играме нашата игра, и се надевам дека ќе дојдеме до целта“, рече Беќири за официјалниот сајт на ФФМ.
Тој смета дека Шкендија има доволен фонд на фудбалери за успешно да одговори и на двата фронта.
„Не сме свежи како нашиот противник, бидејќи одигравме пет натпревари во Европа, тешки, исцрпувачки. Таков беше последниот со Карабах на домашен терен. Од сега па натаму нашиот фокус е целосно ставен кон првенството, затоа што преку првенството стигнавме тука каде што стигнавме во Европа. Сметам дека Шкендија има дваесетина квалитетни фудбалери, тројца добри голмани, широк ростер кој може да одговори успешно на сите предизвици“.