Челси сака да потпише со Енцо Мареска на пет години, „сините“ се решиле на долгогодишна соработка и покрај тоа што сменија четворица тренери во период од две години.
Откако Тод Боли стана газда на Челси, трошеше пари како никој друг и инвестираше преку 1 милијарда фунти во нови засилувања.
Сепак, резултатите на теренот беа под очекувањата, па имаше неколку промени на тренерите.
Прв отказ доби Томас Тухел, кој издржа само неколку месеци соработка со бизнисменот од САД. Потоа дојде Грем Потер, кој на жешкото столче седеше од септеврми 2022 до април 2023 година.
Сезоната ја довршија Бруно Салтор и Франк Лампард како привремени решенија.
Минатото лето пристигна Маурисио Покетино, и кога се чинеше дека Аргентинецот полека ги склопува коцките, пристигна информација дека и тој си оди.
Челси сега е пред ангажман на нов тренер, изборот е Енцо Мареска, кој со Лестер избори враќање во Премиерлигата.
И покрај тоа што Италијанецот нема прволигашко искуство како стратег, „сините“ веруваат дека тој е правиот избор, па му нудат петгодишен договор.
Останува да се види дали ова ќе биде правиот потег, или Челси ќе треба да плати нова голема компензација за предвреме прекината соработка.