Бундеслигата
треба да продолжи на 16. мај, и на една недела пред ре-стартот на сезоната се
случи сценариото од кое сите стравуваа, односно цел тим да мора да оди во
карантин поради коронавирус.
Второлигашот Динамо
Дрезден доцна синоќа соопшти дека дури на третите тестови, двајца играчи биле
позитивни на коронавирус. Двајцата немале симптоми, изминативе денови биле дел
од тренинзите, па сега целиот тим ќе мора да оди во карантин од 14 дена.
„Во контакт сме
со надлежните од министерството за здравство како и со ДФЛ за да ги
координираме сите следни чекори. Факт е дека нема да можеме да тренираме ниту
да играме натпревари во следните 14 дена“ – вели спортскиот директор на Динамо,
Ралф Минге.
Сепак, ваквиот
развој на настаните не го променува планот, генералниот извршен директор на ДФЛ,
Кристијан Шајферт вели дека сезоната продолжува.
„Подготвени сме за
вакво нешто, и во моментов распоредот не е компромитиран. Во втората лига, од
81 натпревар кој треба да се одигра, два натпревари на Динамо Дрезден не можат да
се одиграат. И покрај овој чекор наназад, сакаме да ја доиграме сезоната. Не е
променета целта, ќе биде променет само планот. Целта останува иста, сезоната да
се комплетира“ – вели Шајферт.