Баерн Минхен не успеа да го искористи домашниот терен и да дојде до поволен резултат во првиот четвртфинален натпревар против Реал Мадрид, шпанскиот гигант се враќа дома со победа од 2-1 и прави голем чекор кон полуфиналето.
Натпреварот на почетокот не изгледаше така, во 25. минута Артуро Видал постигна прекрасен гол со глава за водство на Баерн Минхен од 1-0.
Во самиот финиш од првиот дел Баерн пропушти голема шанса да поведе и со 2-0. Судијата неоправдано досуди пенал за домаќините, немаше игра со рака, а правдата беше задоволена кога Видал го промаши ударот од белата точка.
Вториот дел беше поинаков, по само две минути игра Кристијано Роналдо мајсториски реализира за изедначување на 1-1.
Реал Мадрид беше подобар, имаше повеќе шанси за гол, но Нојер со неколку фантастични интервенции во текот на целиот меч спречи дебакл.
Работата за Реал беше олеснета во 61. минута кога Хави Мартинез доби втор жолт картон, Баерн Минхен остана со фудбалер помалку.
Тоа беше искористено во 77. минута кога Роналдо постигна уште еден гол кој значеше победа од 2-1.
Баерн Минхен ќе има тешка задача на Бернабеу да го надополни изгубеното, тие се пред елиминација, Реал Мадрид е блиску до полуфинале.
На победа вечерва се радува и помалиот клуб од Мадрид, Атлетико со минимални 1-0 го победи Лестер.
Единствениот гол го постигна Гризман од пенал во 28. минута од натпреварот.