Стоперот Назиф Цека го запиша дебито на официјален натпревар со дресот на Шкендија во победата над Шкупи на стартот на ПМФЛ.
Тренерот Јетон Беќири му даде шанса на Цека во 80. минута од средбата, а ова се моменти кои 17-годишникот нема да ги заборави. Откако помина низ сите младински категории на црвено-црните, Цека го оствари сонот и заигра во елитата со својот клуб.
„Ова е сон што стана реалност. Секој играч кој израснал во младинските категории на Шкендија го има овој момент во глава. Претходно сум играл пријателски натпревари, но да дебитирам на официјален меч, пред тетовската публика и „Балистите“, беше нешто сосема посебно“, изјави 17-годишникот по првите официјални минути во дресот на црвено-црните.
Со овој настап, Цека го прави првиот чекор кон својот пат во професионалниот фудбал, додека Шкендија ја започнува сезоната со нова енергија и доверба во талентите од својата фудбалска школа.