Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, продолжува да игра во одлична форма во Премиер лигата и постави нов клупски рекорд по бројот на асистенции во една сезона.
Португалецот во натпреварот против Астон Вила стигна до својата 16 асистенција во шампионатот и со тоа го надмина досегашниот рекорд на Манчестер Јунајтед. Со оглед на формата во која се наоѓа, Фернандеш има реални шанси да го нападне и рекордот на Премиер лигата кој го делат Кевин де Брујне и Тјери Анри со по 20 асистенции во една сезона.
„Горд сум на тоа и многу сум задоволен затоа што дојдов до ова служејќи им на соиграчите. Многу е убаво чувство да им носиш радост на другите“, изјави Фернандеш.
Голем дел од неговите асистенции оваа сезона завршуваат кај Касемиро, кој повторно се запиша во листата на стрелци против Астон Вила по додавање токму од својот капитен.
„Касемиро треба да ми даде дел од бонусот за головите (смеење). Имаме одлична поврзаност. Тој многу се движи и има совршен тајминг“, додаде Бруно.
По ова коло Манчестер Јунајтед се наоѓа на третото место на табелата во Премиер лигата со 54 бода, седум помалку од градскиот ривал Манчестер Сити.