АП Брера го заокружи првиот дел од првенството на седмата позиција со освоени 19 поени. Ако се земе во предвид лошиот старт во првите неколку кола, потоа струмичани покажаа завиден квалитет и направија неколку пријатни изненадувања.
Тимот на АП Брера славеше против Струга Трим Лум на гости, а успеа да ремизира и против лидерот Вардар во Скопје. Сето ова, надоврзано и со неколку победи пред своите гледачи, го извлекоа тимот од долниот кон средишниот дел на табелата.
Мартин Алаѓозовски го наследи Панче Стојанов на почетокот на септември и седна на клупата на натпреварот против Шкупи. Успеа да го подигне тимот кој почна да бележи многу подобри резултати.
„По лошиот старт на сезоната, АП Брера успеа да се консолидира и на клупски план што се однесува до малите финансиски проблеми, но и да го реорганизираме тимот. Мора да истакнам дека шанса добија многу млади фудбалери и ја искористија во целост. Одигравме неколку навистина квалитетни натпревари и треба да се гордееме со триумфот над Струга Трим Лум на гости, како и со ремито против Вардар во Скопје. Тогаш фудбалерите сфатија дека можат да се надигруваат и со најдобрите, а токму тоа е и нашата филозофија, да се обидеме да играме фудбал против сите екипи во првенството. Бодовите секако се награда за добрите игри. На крајот, кога ќе анализираме, АП Брера може да биде задоволна од сегашната позиција на табелата, со оглед на лошиот старт, но и напролет треба да бидеме уште подобри, затоа што шампионатот е долг, а нашата цел е да оствариме опстанок“, изјави тренерот Мартин Алаѓозовски.
Се очекува и освежување на играчкиот кадар во текот на зимскиот преоден рок.
„Ќе нѐ напушти Фахд Нзенгуе, напаѓачот кој беше еден од носителите на играта во есенскиот дел од првенството. Неговиот договор истекува и тој одлучи да побара нов предизвик. Заминуваат уште неколку од странците, но верувам дека раководството ќе доведе соодветни замени и нови засилувања, со кои ќе бидеме конкурентни на сите позиции и во вториот дел од првенството“, истакна шефот на стручниот штаб на АП Брера.