Брера денеска во Кратово против Силекс ја почнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, мечот стартува од 17:30 часот.
Прогнозите се дека оваа сезона Брера ќе води голема битка за опстанок, особено што поради кратењето на лигата дури три екипи испаѓаат директно, а две одат во бараж.
Еден од најдобрите во составот на Брера е младинскиот репрезентативец Мартин Ѓорѓиевски кој вели дека би биле задоволни доколку денеска освојат бод во Кратово.
„Брера продолжува по истиот терк. Тимот е делумно променет, но филозифијата е идентична, млади фудбалери желни за докажување се јадрото на нашиот состав. На почетокот одиме во Кратово, навистина тешко гостување, но подготвени сме да прикажене сѐ што знаеме и се разбира дека очекуваме позитивен резултат. Ако не загубиме во Кратово, мислам дека тоа ќе биде добар исход за Брера од првото гостување во новата сезона. Работевме напорно во подготвителниот период и желни сме да почнеме со првенствените искушенија. Максимален респект за Силекс, тие се одличен тим, лани завршија на втората позиција, а ова лето учествуваа и во европските купови. Во секој случај, голем предизвик за нас, и ќе се обидеме да одговориме со успех“, изјави Мартин Ѓорѓиевски за официјалниот сајт на ФФМ.