Брера и Работнички одиграа натпревар како реприза од Скопје – во два натпревари постигнаа 14 гола!

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Работнички конечно се радуваа на триумф, откако во 19. коло од ПМФЛ славеа на гостувањето кај Брера со 4-3.

Дебармаалци тргнаа фуриозно и уште во петтата минута го отворија резултатот преку Езеб, кој ја искористи првата вистинска можност пред противничкиот гол. Домашните возвратија во 18. минута, кога Миле Тодоров погоди за 1-1 и ја врати неизвесноста. Сепак, пред истекот на првото полувреме повторно во главна улога беше Езеб и со својот втор погодок донесе нова предност за скопскиот тим и постави 2-1 на паузата.

Почетокот на вториот дел практично го реши победникот. Во само две минути, 51. и 52., Работнички зададе двоен удар преку Сухејљ Мухарем и Никола Манојлов, зголемувајќи на убедливи 4-1. Иако Брера до крајот се обиде да направи камбек и успеа да намали, немаше сили за целосен пресврт.

Интересно, идентичен резултат од 4-3 беше забележан и на претходната меѓусебна пресметка, но тогаш радоста беше на страната на струмичани во Скопје.

Со оваа победа Работнички ја прекина црната серија од седум последователни порази и го запиша првиот гостински триумф сезонава. Скопскиот состав останува претпоследен со 10 бодови, девет помалку од екипите на Македонија Ѓорче Петров и Пелистер. Брера, пак, по ова коло се наоѓа на шестата позиција со 23 освоени бодови.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×