Денеска се играат два натпревари од 25. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Брера го пречекува Арсими, Силекс е домаќин на Шкупи, двата натпревари почнуваат од 15:30.
Брера влезе во лоша серија, нема победа на последните четири натпревари, а во дуелот со Арсими ќе влезе по дебаклот од Тиквеш со 1-6.
„Работевме напорно во текот на репрезентативната пауза и се надеваме дека тоа ќе даде резултат на натпреварите што претстојат. Нѐ очекува важен натпревар против Арсими, а ние се надеваме дека ќе одиграме квалитетно и ќе успееме да ги освоиме бодовите“, вели тренерот Мартин Алаѓозовски.
Енергијата кај Арсими е позитивна по победата над Вардар иако тимот претходно играше во лоша форма.
„Среќен сум за постигнатиот гол и за победата против Вардар, бидејќи беше многу важен натпревар за нас. Таа победа ни донесе дополнителна самодоверба, но сега целото наше внимание е насочено кон денешниот натпревар. Во Струмица не очекува силен противник, но ние одиме подготвени и фокусирани. Ќе влеземе на теренот да го дадеме максимумот во секоја минута и да извојуваме позитивен резултат. Секој бод е важен и тоа многу добро го знаеме. Поддршката од навивачите е многу важна за нас. И на гостувања ја чувствуваме нивната сила и ќе се бориме да ги направиме горди”, изјави фудбалерот на Арсими, Марсел Гони.
Силекс има идеален противник за да им се врати на победите, кратовскиот тим четири меча по ред не знае за триумф, но отпишаниот Шкупи би требало да падне во Кратово.
„Очекувањата се само три бода на домашен терен против екипата на Шкупи. Овој меч доаѓа во вистински момент за нас. Сега имаме свежина после паузата поради репрезентациите, и се надевам дека ќе ги освоиме бодовите и дека потоа ќе почнеме една долга победничка серија. Нема никого да потцениме, треба да излеземе на терен, да ги одработиме задачите кои ќе ни бидат поставени и да дојдеме до триумф“, изјави дефанзивецот на Силекс, Ѓорѓе Џеков.
Шкупи е веќе испаднат, но фудбалерите на овој тим велат дека ќе го даваат максимумот на секој натпревар.
„Сакам да кажам дека не е важно дали играме со младинци или со искусни играчи, Шкупи секогаш на секој натпревар оди да се надигрува, не се плашиме од никој. Тука сме да ги браниме боите на клубот до последниот натпревар и до последен здив. Очекувам фер и коректна игра од двете страни, и ние ќе се бориме за позитивен резултат“, истакна фудбалерот Асан Рифадов.