Второлигашот Брегалница од Штип од денеска и официјално има нов газда, станува збор за поранешниот турски кошаркарски репрезентативец Мурат Шамил Шен кој за 150.000 евра го купи мнозинскиот пакет на акции од досегашниот сопственик Кирил Гогов.
Денеска беше одржана прес-конференција на која градоначалникот на Штип, Иван Јорданов го претстави новиот сопственик на Брегалница.
Мурат Шамил Шен има 52 проценти од акциите, додека останатите 48 проценти остануваат на општина Штип. Инаку тој до неодамна бил сопственик и на познатиот турски клуб Генчлербирлиги од каде бил тргнат со судска одлука.
„Целта е Брегалница да се врати таму каде што припаѓа – во елитата. Само за новата сезона, лично вложувам еден милион евра. Клубот ќе биде поставен на здрави основи“, изјави Шен на денешната прес-конференција.
Според договорот, новиот сопственик ќе се грижи целосно за финансиската стабилност на сениорскиот тим, додека општината ќе помага само во младинските категории.
Наскоро се очекува Влатко Костов да биде назначен за шеф на стручниот штаб, додека со младинската школа ќе раководи Димитар Маџунаров.
На 12 септември е најавен и голем пријателски натпревар под рефлектори меѓу ветераните на Брегалница и Црвена Звезда, како симболично ново поглавје за „сините“.
Амбицијата на Брегалница за идната сезона ќе биде враќање во Првата лига.