Бразил потфрли во дуелите со Боливија и Венецуела, од трибините се слушаа и свирежи но фановите вечерва дома ќе си заминат со насмевка на лицата.
Избраниците на Тите конечно блеснаа и го добија дуелот со Перу со убедливи 5-0. Резултатот беше отворен во 12. минута кога по еден корнер Касемиро најдобро се снајде во мешаницата и донесе 1-0.
Во 19. минута, голманот на Перу киксираше а Фирмино рутински реализираше за 2-0. Десетина минути подоцна погоди и Евертон, кој прецизно по земја биеше од работ на шеснаесетникот.
Дани Алвеш по една одлично одработена акција на стартот од вториот дел најави убедлива победа, а точка на мечот стави Вилијан со прекрасен гол. Фудбалерот на Челси во 90. минута пласираше на подалечната статива од врвот на шеснаесетникот за 5-0. Победата можеше да биде и повисока, но Жесус промаши пенал во судиското надополнување.
На вториот меч од групата А, Венецуела со 3-1 ја совлада Боливија и си обезбеди пласман во четвртфиналето. Перу сега ќе треба да ги чека резултатите од другите групи за да види дали ќе оди понатаму.