Во 2014, Бразил
како домаќин на Светското првенство беше понижен откако во полуфиналето загуби
од Германија со 7-1. „Кариоките“ сакаат да се искупат за ова и да стигнат до
златото во Русија. Селекторот Тите склопи одличен тим предводен од Нејмар, па
тие патуваат на мундијалот како фаворит број 1.
За успешен настап
на СП 2018, во октомври минатата година беше започнат и специјален проект.
Фудбалската федерација на Бразил на помош ги повика сите клубови од првата
лига, а дури 19 клубови ги понудија своите ресурси (само Фламенго не).
Имено, департманите
за анализа на овие клубови добија за задача да ги „шпиунираат“ ривалите на
Бразил на мундијалот во Русија. Треба да следат одредени мечеви, да се простудираат
движењата, тактиките и формациите кои се употребуваат и да се идентификуваат
главните играчи.
Тите изминатиов
викенд се сретна со аналитичарот на Аваи, кој за задача имаше да ја скенира Коста
Рика, репрезентација која ќе биде втор противник на Бразил во Русија. Наскоро
ќе биде остварена средба и со аналитичарот од Гремио, кој ја следел
Швајцарија, и тој на Спорт Ресифе, кој треба да ја простудира Србија.
Останатите 16
клубови следат други 24 репрезентации, кои би можеле да бидат противници на
„Кариоките“ во нок-аут фазата. Од „шпиунирање“ поштедени се само тимовите од
Јужна Америка со оглед на тоа дека Бразил веќе играше против нив во
квалификациите и знае што го очекува.