Фудбалерот на Унион Берлин, Рани Кедира, во иднина ќе може да настапува за репрезентацијата на Тунис, откако Светската фудбалска федерација му даде зелено светло за промена на спортското државјанство.
Иако претходно играше за младинските категории на Германија, искусниот играч за врска сега официјално има право да го носи дресот на туниската репрезентација и да биде во комбинација за настап на следните големи натпреварувања, меѓу кои и Светското првенство.
32 годишниот Кедира е помладиот брат на поранешниот германски репрезентативец Сами Кедира, кој со Германија ја освои светската титула во 2014 година. Поради семејното потекло, двајцата имаа можност да изберат дали ќе настапуваат за Германија или за Тунис.
Со оваа одлука на ФИФА, Рани Кедира официјално станува опција за селекцијата на Тунис, од каде очекуваат тој да донесе дополнително искуство и квалитет во националниот тим, а тој можеби ќе добие шанса да заигра на Светското првенство.