Полубратот на Коби Мејно предизвика вистинска бура на социјалните мрежи и меѓу навивачите по натпреварот против Борнму во кој Јунајтед ремизраше (4-4).
Џордан Мејно-Хејмс, полубрат на младиот играч од средниот ред, се појави на „Олд Трафорд“ облечен во маица со натпис „Free Kobbie Mainoo“ („Ослободете го Коби Мејно“), со што јасно испрати порака до тренерот Рубен Аморим, барајќи поголема минутажа за својот брат. Фотографијата со провокативната маица тој ја објави и на својот Инстаграм профил.

Мејно средбата од 16. коло на Премиер лигата ја започна од клупата за резерви, но при неговото влегување во игра во возбудливото реми доби силна поддршка од публиката. Меѓу присутните на трибините беше и неговиот полубрат, кој е познат по учеството во британското ријалити-шоу „Love Island“ и на Инстаграм го следат повеќе од 680.000 луѓе.
Потегот на Џордан дел од навивачите го оценуваат како ризичен, бидејќи би можел дополнително да ги наруши односите меѓу Мејно и тренерот Аморим.