Италијанскиот новинар Танкреди Палмери, иако разочаран од елиминацијата на својата репрезентација по поразот од Босна во Зеница, сепак од ова патување си заминал со нешто позитивно, благодарение на гест на непознат човек.
Како што сподели самиот Палмери на социјалните мрежи, непосредно пред заминувањето од Босна доживеал момент што, како што вели, ќе го памети цел живот.
„Навистина морам да ви кажам што штотуку се случи. Појадуваме во кафуле со колега пред да заминеме на аеродром. Мирно е наоколу, ден по славјето. Завршивме и токму кога требаше да станеме да платиме, 60-годишен маж одненадеж се појави, ја зеде нашата сметка и отиде до шанкот. На почетокот не разбирав, мислев дека сака да се пошегува со нас. Потоа почнува да разговара со келнерката и да вади пари, додека таа се смее. Го прашувам: „Што правиш?“. Тој се насмевна, климна со главата и продолжи да плаќа, кажувајќи нешто на босански, па „не, не, не“. Му велам: „Зошто? Но зошто?“.
Тој намигнува и вели „во ред е“, додека сите келнерки веќе се смеат. Повторно му велам: „Не мораш“. Потоа му му пријдов и го прегрнав. Кога си заминуваше, го прашав: „Кажи ми го името“ на што тој одговори: „Италија, Италија, сè е во ред“ и си замина“, напиша Палмери.
Новинарот дополнува дека станувало збор за човек чие лице, според него, оддавало дека има поминато многу во животот.
„Колку време ни е потребно за да сведочиме ваков чист чин на добрина? Колку подобар може да биде животот со малку љубезност? Ти благодарам, Босно. Ти посакувам среќа на Светското првенство“, заврши Палмери.