Денеска на програмата се два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), во Битола под рефлектори Пелистер ќе го пречека Вардар, а во Скопје Работнички е домаќин на Шкендија.
По лесната победа над Македонија Ѓорче Петров, Вардар патува по нови три бода кои се како кула важни за шампионската титула.
Пелистер со нов тренер и осоколен од победата над Шкендија среде Тетово, пред своите навивачи ќе се обиде да му го земе скалпот на вечниот ривал.
„Како и за сите, така и за мене, најголемото македонско дерби е токму тоа – најголемото македонско дерби. Било и ќе остане: Пелистер – Вардар. Победата во Тетово ја врати самодовербата кај играчите. Таа е една од добивките, покрај најголемата – трите бода. Се врати вербата дека можат, дека се способни и дека поседуваат доволно квалитет.
На нашите навивачи им порачувам да дојдат во што поголем број и да им пружат максимална поддршка на играчите, во што воопшто не се сомневам. Особено ни е потребна таа поддршка во моментите кога можеби работите нема да одат најдобро. Токму тогаш да ги понесат играчите, да ги вратат на вистинските патеки и на крајот од натпреварот сите заедно да се радуваме на успехот“, вели тренерот на Пелистер, Марјан Секуловски.
На двата тима очајно им се потребни бодови иако целите се различни. Вардар се бори за шампионската титула, а Пелистер за опстанок.
Натпреварот во Битола почнува од 20 часот.
Иста е ситуацијата и на мечот кој ќе се одигра претходно, со почеток од 15:30 часот. Работнички води битка за опстанок, а Шкендија за шампионската титула.
По киксот против Пелистер во минатото коло, Шкендија сака победа против Работнички, но овој тим е во серија од четири последователни победи.