Фудбалскиот сојуз на БиХ ги прави последните подготовки за изградба на национален стадион кој ќе биде со капацитет од 18 илјади места.
Всушност, тоа ќе биде надградба на сегашниот стадион „Билино поле“ во Зеница каде босанската репрезентација ги игра своите натпревари последните години. Првичната идеја била национален стадион да биде Кошево, но општината под која спаѓа овој објект не дала согласност.
„Желбата беше Сараево, но не наидовме на разбирање и поддршка. Одиме на реализација на национален стадион во Зеница. И Зеница е наш град, има автопат од Сараево од каде е оддалечена само 40 километри. Ќе градиме трибина по трибина и во следните четири циклуси би имале нов стадион“, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на БиХ, Вице Зељковиќ.
Во следните месеци треба да биде готов нацрт-планот, а идејата е изградбата да заврши најдоцна во 2029 година.