Унаи Емери е пред отказ, стратегот ја загубил довербата кај играчите, резултатите се слаби и само прашање на време е кога ќе дојде до тренерска смена.
Неколку тренери се поврзуваат со Арсенал, а меѓу нив изненадувачки е и името на Маурисио Покетино кој пет и пол години го водеше Тотнем.
„Доколку јас одлучував во Арсенал, веднаш ќе тргнев по Покетино. Не сум сигурен дека Покетино ќе го одбие Арсенал поради тоа што беше тренер на Тотнем“, смета фудбалскиот критичар Џејми Реднап.
„Можеби причината поради која Тотнем одлучи да го назначи Жозе Мурињо е поради тоа што слушнале дека нивниот ривал од Северен Лондон ќе тргне по нов тренер, па побрзале тие да го добијат Португалецот“.
„Унаи Емери е под голем, голем притисок. Имам некои симпатии кон него но изгледа како поразен човек. Ги разбирам и навивачите кои се лути и фрустрирани“.
Покетино може да го одбере Арсенал бидејќи така нема да го смени местото на живеење, ќе остане во Северен Лондон каде што веќе одамна е прилагоден.
Но, можно е да го одбие поради тоа што беше тренер на Тотнем. Тука зависи дали ќе сака да покаже љубов и почит кон поранешниот клуб, или ќе има желба за одмазда и докажување а ако е второто, нема подобар клуб за него од Арсенал.