Неколку извори од Италија пренесуваат дека Бенфика го одбила предлогот на Јувентус за ангажман на дефанзивецот Антонио Силва, се чека и Милан да се вклучи во трката за перспективниот Португалец.
Јувентус и Милан вечерва ќе ги одмерат силите во полуфиналето на Суперкупот на Италија, но двата клуба ќе имаат битка и на трансфер пазарот.
Како што пренесуваат Скај Спорт и Тутоспорт, Јувентус доставил понуда за ангажман на Антонио Силва. Двата извори пишуваат дека предлогот е позајмица до крајот на сезоната вредна 5 милиони евра, со опција играчот во целост да биде купен (30 милиони евра според Скај, и 25 милиони евра според Тутоспорт).
Сепак, „орлите“ ја одбиле понудата на „старата дама“, чекаат Милан да се приклучи во трката и цената на Антонио Силва да скокне.
Новиот тренер на „росонерите“, Сержо Консеисао добро ги познава квалитетите на Антонио Силва, плус двајцата имаат ист агент – Жорж Мендеш.