Белгија ја совлада Англија со 2-0 и со тоа стигна до третото место од Светското првенство во фудбал кое се одржува во Русија. Ова беше втора победа за избраниците на Мартинез против Англија откако претходно во групната фаза славеа со 1-0.
Доста рано стигнаа Црвените ѓаволи до водство на мечот во Санкт Петербург откако Муние уште во 4. минута погоди за почетно водство, а голот стигна по асистенција на Чадли кој убаво центрираше во опасната зона на противникот каде Пикфорд немаше многу опции да интервенира.
Гордиот Албион тешко правеше баланс на теренот, иако имаше и повеќе посед на топката а во однос на обидите беше рамноправен, сепак, на крајот од првите 45 минути игра не успеа да израмни.
Во второто полувреме видовме нешто подобра игра на избраниците на Саутгејт, но, Белгија ја покажа својата моќ од шансите преку контри каде е најопасна, па во 82. минута Азар погоди за 2-0 и ги сруши сите надежи на противникот за израмнување.
На крајот, Белгија со 16 погодоци е најефикасната репрезентација на Мундијалот, а сето тоа го зачинија со освојување на бронзениот медал од турнирот.
Утре со почеток од 17 часот се игра големото финале од турнирот каде силите ќе ги одмерат Хрватска и Франција.