Белгија игра пеколно, пак даде шест гола пред мечот со Македонија!

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалската репрезентација на Белгија продолжи во силен ритам, овојпат убедливо славеше над Казахстан со 6-0 (2-0). Тимот на Руди Гарсија повторно беше расположен за голови и со уште една „шестка“ ја потврди одличната форма пред мечот со Македонија кој следи во октомври.

Казахстан се држеше до финишот на првото полувреме, но тогаш Де Брујне во 42. минута го скрши отпорот, а само две минути подоцна му асистираше на Џереми Доку за 2-0. Во второто полувреме продолжи голгетерската серија Раскин зголеми на 3-0, потоа следуваа вторите голови на Доку и Де Брујне, а конечните 6-0 ги постави искусниот Томас Мение.

По оваа победа Белгија се доближи на само бод до Македонија, но има и натпревар помалку.

Шпанија исто така постигна шест гола, овојпат на гостувањето против Турција (0-6). Педри погоди уште во шестата минута, Микел Мерино двапати беше прецизен до полувремето, а во продолжението Феран Торес ја зголеми предноста. Мерино со третиот гол комплетира хет-трик, а Педри вторпат ја затресе мрежата за убедлив триумф.

Германија конечно стигна до прва квалификациска победа, славеше против Северна Ирска со 3-1. Гнабри го отвори резултатот, Прајс израмни до паузата, но Амири и Вирц погодија во второто полувреме и ја спасија честа на „панцерите“.

Во другите натпревари Полска беше подобра од Финска со 3-1, а Словачка славеше минимално на гостувањето кај Луксембург (0-1).

Можно е и ова да ти се допаѓа

×