Белгија го испрати Бразил дома, светот ќе добие шампион од Европа! (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Сонот на Нејмар за трофеј на ова Светско првенство заврши, Бразил кој беше главен фаворит за трофејот е елиминиран од силната селекција на Белгија.

Натпреварот почна возбудливо уште од самиот стар. Бразил нападна, а првата голема шанса дојде во осмата минута кога Тиаго Силва шутна една топка која заврши во стативата од голот на Куртоа.

Само осум минути подоцна, центаршут на Белгија, Фернандињо си постигна несреќен автогол за водство на Белгијците од 1-0.

Натпреварот продолжи динамично но без некои големи шанси за гол. Следното вистинско возбудување се случи во 31. минута кога Де Брајне со прекрасен шут од далечина го зголеми водството за Белгија на 2-0.

Седум минути подоцна Кутињо можеше да го врати Бразил во игра, пласираше убаво, но Куртоа одлично одбрани. До одморот Белгија имаше уште еден обид преку Де Брајне кој биеше под пречката од слободен удар, но Алисон одлично одбрани.

Во второто полувреме Бразил тргна уште поофанзивно, а Белгија беше опасна од брзо против напади.

По неколку неискористени можности,  во 76. минута Кутињо центрираше, Ренато Аугусто убаво шутираше со глава и го намали водството на 2-1. Бразил се врати во игра и најави супер интересен финиш на мечот.

Само две минути подоцна Фирмино ја имаше можеби најубавата шанса на мечот, но не даде гол. Во 81. Аугусто повторно се најде во идеална можност, речиси во пенал позиција но шутираше крај голот.

Во последните минути Белгија го контролираше мечот, Бразил последната шанса ја имаше во судиското продолжение преку Нејмар, но Куртоа со фантастична одбрана го спаси голот на својата селекција.

Светот ќе добие шампион од Европа, бидејќи Бразил беше последната репрезентација која не е од Стариот континент.

Белгија во полуфиналето ќе игра против Франција која денеска без многу проблеми го совлада Уругвај со 2-0.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани