Шкендија денеска ја одржа официјалната прес-конференција пред утрешниот дуел со Слован Братислава во рамки на петтото коло од Конференциската лига.
Тренерот на тетовци, Јетон Беќири, не крие дека неговиот тим го очекува сериозен предизвик, но верува дека домашниот терен и атмосферата во Тетово можат да бидат клучниот адут.
„Ќе играме против исклучително квалитетен тим кој минатата година играше во групната фаза од Лигата на шампионите, но секогаш кога играме дома, иамме позитивни настапи. Се надевам дека ќе се претставиме на наајдобар начин, ги имаме сите предуслови за да обезбедиме резултат со кој и во последното коло ќе останеме во игра за место помеѓу првите 24 екипи на табелата“.
Тој додаде дека тимот заслужил повеќе во претходните настапи.
„Играме историска сезона за нас и во изминатите четири натпревари, кога се бодовите во прашање, екипата доби помалку од она што заслужи, посебно на последните две средби. Но, фудбалот е таков, во одедени моменти имате среќа, а некогаш противникот ве казнува. Најважно е што уште сме во игра за пласман во следната фаза, ќе направиме се што можеме за да освоивме подобри резултати во овие два натпревари“, изјави Беќири.
Натпреварот меѓу Шкендија и Слован Братислава ќе се одигра утре од 18:45 часот на Националната арена во Скопје.