Фудбалерите на Шкендија со минимална негатива (0-1) отпатува во реванш дуелот од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите кај Карабах.
На средбата која ќе се одигра во Азербејџан македонскиот првак нема што да загуби. Тренерот Јетон Беќири токму тоа го посочи како предност на Шкендија во однос на реваншот.
„Многу е важно да разбереме дека немаме што да загубиме во ваква ситуација, по поразот во првиот натпревар. Најважно е да влеземе добро во натпреварот и да се потрудиме со сите сили. Треба да бидеме организирани и агресивни во напад, ама и да се браниме добро. Се надеваме на добар перформанс и дека ќе бидеме тимот кој на крајот ќе се радува.
Мислам дека во првиот натпревар не бевме најдобро подготвени на физички план, а респектот кон Карабах особено во првиот дел беше пресуден. Верувам дека тоа беше еден од факторите кој го реши дуелот во Скопје. Примивме „случаен“ гол и квалитетни екипи како Карабах тоа знаат да го казнат. Исто така имавме свои шанси, ама не ги искористивме. Не бевме на нивото на првиот натпревар. Најважно за нас е дека резултатот е активен и мора да имаме верба дека ќе одиграме подобро тука. Сакам да верувам дека ќе бидеме опасни по домаќинот, бидејќи психолошкиот притисок ќе биде на страната на Карабах“, изјави Беќири.
Дуелот меѓу Карабах и Шкендија се игра во вторник во терминот од 18:00 часот.
Без разлика дали ќе победи и ќе игра плеј-оф за Лигата на шампионите или пак ќе биде елиминирана и ќе игра бараж за Лигата на Европа, Шкендија би вкрстила со победникот или поразениот од двомечот на Ференцварош и Лудогорец.