Тренерот на Шкендија, Јетон Бекири не го криеше задоволството по победата над ФЦСБ и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.
Шкендија синоќа одигра одличен меч и со 2-1 победи на гостувањето кај ФЦСБ. Пред почетокот на натпреварот домаќините беа убедени во победа, а особено оптимист беше претседателот на клубот, Џиџи Бекали кој велеше дека романскиот клуб ќе води со 3-0 уште на полувреме.
По мечот Шкендија беше таа која се радуваше, а Бекири одговори на провокациите.
„Ова е една голема победа за нас. Да се победи екипа со ваков квалитет, пред ваква публика и во ваква атмосфера, не е мала работа. Честитки до сите фудбалери на клубот, на навивачите, на секој кој е дел од Шкендија. Импресиите се силни. И покрај сите провокации, имам голем респект за ФЦСБ. Станува збор за клуб со традиција, имаат сопственик кој вложува сериозно во фудбалот и тренер кој знае што прави. Но, јас сум научен дека фудбалот се игра на терен, а не надвор од него“, изјави Беќири.