Барселона вчера победи, но и доби нова причина за грижа на гостувањето во Прага. При резултат 2-2 и по околу 15 минути игра во второто полувреме од натпреварот против Славија Прага во Лигата на шампионите, Педри беше принуден да го напушти теренот поради повреда.
Првичните лекарски проценки се охрабрувачки и укажуваат дека не станува збор за посериозен проблем, а замената била направена превентивно, со цел да се избегнат дополнителни компликации. Сепак, во каталонските медиуми се шпекулира дека Педри би можел да паузира меѓу четири и пет недели, што би претставувало сериозен удар за Барселона во чувствителен период од сезоната.
Сезонава Педри веќе пропушти пет натпревари, два во Лигата на шампионите и три во Ла Лига. Четири од нив беа поради мускулни проблеми, додека еднаш отсуствуваше поради повреда на листот. Во текот на денот ќе бидат направени дополнителни прегледи, по кои ќе биде познато колку точно ќе паузира..
Доколку прогнозите се потврдат, Педри би можел да се врати на терен за дуелот против Виљареал на 1 март на „Камп Ноу“.