Готово е – Ханси Флик ќе остане на клупата на Барселона до 2027 година! Како што пренесува добро информираниот трансфер експерт Фабрицио Романо, германскиот стратег и каталонскиот гигант постигнале договор за продолжување на соработката, а потпишувањето на новиот договор се очекува во текот на мај.
Сите детали се веќе усогласени, а официјалната објава е планирана по крајот на сезоната – со цел тимот целосно да се фокусира на завршницата од натпреварувањето без непотребни вознемирувања.
Флик минатото лето го презеде кормилото на Барса со договор до 2026 година, но поради одличните резултати и стабилноста што ја донесе, раководството одлучи да му понуди уште една година. Ова е особено интересно ако се знае дека Флик досега практикувал краткорочни договори и стратегија „од година во година“, но очигледно и двете страни нашле заеднички јазик.
Барса гледа светла иднина со Флик, а Германецот ја доби довербата да го води проектот и понатаму.