Ламин Јамал, отсега ќе биде под „онлајн надзор“ и неговата активност на социјалните мрежи ќе ја контролираат клубот и неговиот менаџер, Жорже Мендеш, пренесуваат шпанските медиуми.
Оваа одлука следи по контроверзната изјава на 17-годишниот тинејџер, кој пред Ел Класико го „пецна“ Реал Мадрид со коментар дека „на Сантијаго Бернабеу плачат и крадат“. Изјавата експресно се прошири на интернет и предизвика лавина реакции, дополнително загревајќи ја атмосферата пред дербито кое заврши со големи тензии и вербални пресметки меѓу играчите.
Во Барселона сметаат дека Јамал, иако е еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, сè уште нема доволно искуство за внимателно управување со јавниот имиџ. Затоа, Мендеш и луѓето од клубот ќе имаат задача да ги проверуваат сите негови објави пред тие да стигнат до јавноста.
Целта е да се заштити младиот офанзивец од непотребни полемики и медиумски притисоци кои би можеле да влијаат врз неговиот развој и врз репутацијата на Барселона.