Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Барселона нема да ја добие потребната документација на време за натпреварот против Комо на „Гампер Трофеј“ да го одигра на Камп Ноу.
„Каталонците“ првите три кола од новата сезона во Ла Лига ќе ги играат на гостински терен бидејќи не е завршена реконструкцијата на Камп Ноу, но Барселона по секоја цена сакаше на овој стадион да го одигра „Гампер Трофеј“ против Комо.
Можеби мечот против Комо е само од ревијален карактер, но зад него се крие голема работа кога е во прашање правилото 1:1 и настапот на трансфер пазарот.
Во декември минатата година, Барселона продаде дел од ВИП ложата за 100 милиони евра на инвеститори од арапскиот свет, но Ла Лига не им дозволи овие пари да бидат вметнат во пресметките за Финансиски фер плеј.
Ла Лига не дава зелено светло зошто смета дека Барселона не може да продаде нешто што не е изградено, ниту пак таму седеле навивачи.
Па затоа Жоан Лапорта и неговите соработници инсистираа против Комо да играат на „Камп Ноу“ (со ограничен капацитет од 30.000 публика) за на Ла Лига да и покажат дека ВИП делот кој е продаден е ставен во функција.
Со тие 100 милиони евра, Барселона ќе влезе во правилото 1:1 и ќе може да се засилува и да регистрира фудбалери без рестрикции.
Барса втора година по ред извиси во намерата да го ангажира Нико Вилијамс токму поради неизвесноста дали играчот ќе може да биде регистриран – напаѓачот остана верен на Атлетик Билбао откако „каталонците“ одбија да му дадат писмени гаранции.
ФОТО: fb/FC Barcelona