Кристијано Роналдо во Јувентус е трансфер бомбата ова лето, но најчудната
зделка е преселбата на Малком во Барселона. Бразилецот требаше да отпатува во
Рим на лекарски прегледи откако Борди и Рома си подадоа рака и со официјални
соопштенија потврдија дека паднал договор.
Но играчот не опатува за главниот град на Италија откако во последен миг
доби понуда од Барселона, и веќе следниот ден летна за Шпанија за да потпише со
„Каталонците“.
Но судејќи според зборовите на Ернесто Валверде, тој не го побарал Малком.
Тренерот на Барса утрово се појави пред новинарите во САД на пресот за дуелот
со Тотенхем, првиот од трите пријателски меча на турнејата во Северна Америка.
„Малком е играч кој им е добро познат на лидерите, подолго време го следеле
и решија сега да го ангажираат. Се работи за млад фудбалер, со голема иднина,
па клубот одлучи да го купи“ – порача тренерот на Барса и се дистанцираше од зделката.
„Дали ќе биде стартер или не тоа ќе зависи од неговите перформанси“.
Се верува дека Ернесто Велверде барал да му биде донесен Вилијан од Челси,
Барса испрати три понуди, последната вредна нешто над 61 милион евра, но
„Сините“ одговорија негативно на сите три предлози.