Селекторот на Италија, Лучано Спалети се налути откако по победата над Албанија, новинарите посочија дека „аѕурите“ не можат без Николо Барела, вели дека на располагање има силен состав и не зависат од еден играч.
Николо Барела изминативе денови се мачеше со повреда и беше неизвесен за стартот на Европското првенство, но успеа да се опорави на време и вечерва со гол да помогне Италија да слави со 2-1 над Албанија за победнички старт на континенталниот собир.
На средбата со новинарите, на Лучано Сплаети му беше посочено дека Италија не може без Николо Барела, а селекторот се налути и порача: „Националниот тим може без секого, имаме 26 силни фудбалери, тимот не зависи од само еден фудбалер“.
Можеби звучи чудно, но Николо Барела е најдобриот стрелец во оваа Италија, фудбалерот од средниот ред вечерва стигна до голот број 10.
За својата партија против Албанија, играчот на Интер рече: „Среќен сум, ми беше тешко кога не можев да тренирам изминативе денови, но тренерот, персоналот и играчите се погрижија да се чувствувам важен дел од групата и сакав да им се оддолжам за ова, па голот е за нив“.
„Беше чудно да се прими гол по само 23 секунди, но ја посакувавме оваа победа и на прав начин го започнавме Европското првенство“.