Енис Барди денеска се појави покрај селекторот Благоја Милевски на средбата со новинарите пред дуелот против Исланд во 5. коло од квалификациите за мундијалот во 2022 година.
„Тоа што го направивме не се заборава, но тоа останува во историјата. Фудбалот е таков спорт кој бара докажување на секој нов натпревар. Секој пат од нас се очекуваат добри резултати, но не гледам дека имаме притисок. Гладни сме за уште поголеми успеси, имаме многу што да дадеме. Оваа генерација е млада и може уште многу да понуди. Најважно е да одиме натпревар во натпревар“ – вели фудбалерот на Леванте.
За гостувањето во Рејкјавик, тој додава: „Знаеме дека Исланд е квалитетна репрезентација, досегашните резултати не зборуваат реално за нејзиниот вистински квалитет. Мораме да бидеме 100% фокусирани во текот на сите 90 минути доколку сакаме успех. Многу работи ќе зависат од нас иако знаеме дека не чека тежок натпревар“.