Во пресрет на ждрепката за Лигата на нации, капитенот на Македонија, Енис Барди даде свое видување за деби настапот во Лига Б.
Во четврток (со почеток во 18 часот) ќе се одржи ждрепката за новата сезона во Лигата на нации, каде Македонија за прв пат ќе игра во Лига Б.
Капитенот на „црвено-жолтите“, Енис Барди вели дека ова е вистинска можност за докажување дека заслужено е местото во ранг погоре.
„Самите се доведовме во позиција да играме во поквалитетен сегмент. Го заслуживме тоа со прикажаното на натпреварите од Ц сегментот. Лига Б носи силна конкуренција, но токму тоа е предизвикот. Без разлика кој ќе ни биде противник, мора да бидеме подготвени и физички и ментално, да го држиме високиот ритам на секој натпревар“ – вели Енис Барди.
„Има противници со кои досега не сме се сретнале, како Швајцарија. Ова е нова шанса за сите нас, со поинаква енергија и силен мотив да покажеме дека припаѓаме на ова ниво и да се бориме за позитивен резултат. Конкуренцијата е навистина силна, ама веруваме во нашиот квалитет и сеедно против кого ќе се соочиме во групата, треба да ги одиграме тие натпревари во таков, силен ритам.“
Македонија ќе се најде во четвртиот шешир, заедно со Шведска, Северна Ирска и Косово, ниту една од овие селекции нема да ни биде противник.
Лига Б:
Прв шешир:
Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Втор шешир:
Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
Трет шешир:
Словенија, Грузија, Р. Ирска, Романија
Четврти шешир:
Шведска, Македонија, Северна Ирска, Косово