Баерн Минхен е подготвен летово да се раздели со Кингсли Коман, а на излезна врата можат да се најдат и Лерој Сане и Серж Гнабри, со што ќе се отвори простор за ангажман на Флоријан Вирц од Баер Леверкузен.
Баерн Минхен ќе влезе „ол ин“ за ангажман на Флоријан Вирц, „баварците“ нема да штедат и се подготвени да платат рекордни +100 милиони евра за офанзивниот фудбалер од средниот ред.
За да можат да си дозволат еден ваков трансфер, актуелниот лидер во Бундеслигата ќе се ослободи од барем двајца фудбалери.
Прв на излезна врата е Кингсли Коман од чија продажба се очекуваат 30-40 милиони евра, зделка со која ќе се тргне и сумата 17-18 милиони евра по сезона од сметката за плати.
Баерн Минхен исто така е подготвен да го жртвува и Лерој Сане, кој има примања од околу 20 милиони евра по сезона. Германецот може да остане само во случај доколку прифати драстично намалување на платата и се сложи да игра за речиси двојно помалку пари.
Не се исклучива и можноста и Серж Гнабри да биде дел од оваа „мала чистка“ со која треба да се отвори простор за мега трансферот на Флоријан Вирц.