Баерн Минхен обезбеди место меѓу четирите најдобри во Купот на Германија откако на свој терен го совлада РБ Лајпциг со 2-0. Баварците долго го кршеа отпорот на противникот, но на крајот рутински ја завршија работата.
Гостите уште на стартот ја затресоа мрежата преку Кристоф Баумгартнер, меѓутоа погодокот беше поништен поради недозволена позиција. Потоа иницијативата целосно премина кај домаќинот кој создаваше шанси, но немаше реализација во првите 45 минути.
Пресвртот во резултатска смисла се случи во вториот дел. Мартен Вандервордт беше невнимателен и го оттурна противникот во казнениот простор, па судијата покажа на белата точка. Сигурен беше Хари Кејн кој донесе водство од 1-0.
Набргу потоа следуваше и вториот удар. Луис Диаз искористи додавање од Микаел Олисе и ја дуплираше предноста, што на крајот се покажа како доволно за мирна завршница и заверка на билетот за полуфинале.