Баерн Минхен не успеа да го искористи домашниот терен и мораше да се задоволи со бод против борбениот Мајнц, откако дуелот од 14 коло во Бундеслигата заврши без победник 2-2.
Натпреварот на „Алијанц Арената“ започна со очекуван притисок од страна на шампионот, а иницијативата беше крунисана во 29 минута кога Ленарт Карл го совлада противничкиот голман. Се чинеше дека Баерн ќе замине со предност на паузата, но гостите успеаја да израмнат во самата завршница од првиот дел. Кацпер Потулски ја искористи невнимателноста во одбраната и погоди за 1-1.
Во второто полувреме домашните продолжија да напаѓаат, но недостасуваше реализација, што Мајнц знаеше да го казни. Во 67 минута Јае Сунг Ли со удар со глава го изненади Мануел Нојер и донесе целосен пресврт за гостите.
Баерн до крајот тргна на сѐ или ништо и притисокот конечно вроди со плод. Потулски направи прекршок во шеснаесетникот, а Хари Кејн беше сигурен од белата точка и постави конечни 2-2.
И покрај киксот, Баерн останува цврсто на врвот на табелата со 38 бодови и значителна предност пред конкуренцијата. Мајнц, пак, освои вреден бод во борбата за опстанок, но и натаму се наоѓа на последните позиции во лигата.