Еден Азар минатото лето се пресели на Сантијаго Бернабеу во трансфер вреден 100 милиони евра, плус додатни 50 милиони евра во бонуси. Тој пристигна во Мадрид како големо засилување, но се мачеше во почетните месеци. Причина беше повредата која ја заработи непосредно пред почетокот на сезоната, како и тоа што на подготовките дојде со неколку килограми плус.
„Не кријам, кога сум на одмор, на одмор сум! Јас сум личност која брзо качува килограми, но и брзо губи. Кога бев во Лил на 18 години, имав 72 килограми. Потоа градев мускулна маса и стигнав до 75 килограми. Кога не сум во форма, имам 77 килограми, летоска пристигнав во Реал со 80 килограми! Но ослабнав за 10 дена“ – кажа Еден Азар во интервјуто за Л’Екип.
За почетокот на авантурата во дресот на „кралевите“, тој вели. „Среќен сум со начинот на кој се одвиваат работите во последниот месец. Постигнав гол, забележав асистенција, изнудив пенал. Во последните месец дена, топката се почесто е во моите нозе, ги дриблам и претрчувам противниците. На почетокот играв подиректно“.
За соработката со неговиот идол Зинедин Зидан, тој додава: „Тој е човек кој ги решава работите со неколку зборови, не компликува. Секогаш наоаѓа време да разговара со мене пред натпреварите и прави да бидам порелаксиран. „Биди среќен“ ми вели. Тој е личност која оди право на поената и ги обожава своите играчи. Желен е да има емоционална поврзаност со тимот, дури и со оние играчи кои не добиваат шанса. На тренинзите секогаш работиме со топка, се фокусираме на јасни и брзи движења и вежби“.