Атлетико Мадрид стави крај на голгетерската криза и во 25. коло од Ла Лига го совлада Еспањол со 4-2, откако на претходните три натпревари остана без постигнат гол.
Шок за тимот на Диего Симеоне пристигна уште во 6. минута. Гризман ја загуби топката, следуваше контранапад по десната страна, Долан асистираше до Карерас кој донесе водство од 0-1. Атлетико ја презеде иницијативата и израмни во 21. минута. Маркос Љоренте испрати прецизен центаршут, а Сорлот реагираше одлично и погоди за 1-1.
Во второто полувреме следуваше вистинска офанзива на домаќинот. Во 49. минута по акција во која учествуваше и Гризман, Џулијано Симеоне рутински реализираше за пресврт. Само девет минути подоцна Лукман беше на вистинското место по корнер и скок на Руџери, па на втора статива зголеми на 3-1. Атлетико продолжи во ист ритам, а Руџери повторно асистираше, овојпат до Сорлот кој го постигна својот втор гол за убедливи 4-1.
Еспањол до крајот само го ублажи поразот преку Еспозито во 80. минута за конечни 4-2.