Атлетико Мадрид сериозно размислува за дополнително засилување на последната линија во претстојниот преоден рок. Иако засега нема официјална потврда дека „јорганџиите“ ќе бидат активни во јануари, „Спорт Медиасет“ објавува дека тоа сценарио е сè поизвесно.
Според истиот извор, на радарот на Атлетико се наоѓа холандскиот дефанзивец Нејтан Аке. Фудбалерот на Манчестер сити оваа сезона има споредна улога во тимот на Пеп Гвардиола, што отвора простор за промена на средината.
Наводно, првичните контакти веќе се воспоставени и нема да биде изненадување доколку 30 годишниот стопер ја продолжи кариерата во Шпанија. Атлетико Мадрид во изминатиот период се соочи со сериозни проблеми со повреди во одбраната, па Аке се гледа како играч кој може веднаш да донесе стабилност и сигурност во последната линија.
Доколку трансферот се реализира, Диего Симеоне би добил искусен дефанзивец кој одлично се снаоѓа и во центарот на одбраната и на левата страна, што дополнително ја зголемува неговата вредност за тимот од „Ванда Метрополитано“.