Фудбалерите на Барселона режираа епски пресврт и тоа во дербито на 28. коло во Ла Лига на „Ванда Метрополитано“ кај Атлетико Мадрид, бидејќи се вратија од 2-0 до 2-4 во завршницата. Ова беше прв пораз за Атлетико во својот дом сезонава.
Тимот на Диего Симеоне има за што да жали бидејќи испушти два гола предност. По израмнет прв дел Хулиан Алварез во 45. минута успеа да донесе предност за Атлетико (1-0).
Во вториот дел за девет минути паднаа три гола. Прво резервистот Александер Сорлот ја удвои позитивата за мадриѓани во 70. минута (2-0). Следеше блиц-криг на Барселона. Роберт Левандовски успеа да намали на 1-2, а потоа Феран Торес кој влезе од клупата стрела за израмнување на 2-2. До крајот имаше по некоја добра шанса на двете страни, а најблизу беше Сорлот кој имаше зицер и ситуација еден на еден со Шчесни, ама го промаши голот.
Казна за тоа промашување стигна во 92. минута од натпреварот во видот на гол за пресврт. Младата ѕвезда на каталонскиот гигант Ламин Јамал шутна од околу 25 метри, топката се одби од блокот и го измами Облак пред да заврши во мрежата за 2-3. Во моментите кога Атлетико се отвори во последните секунди, Феран Торес казни голема грешка и погоди за конечните 2-4.
Со оваа победа Барселона се врати на врвот во Ла Лига каде што моментално е израмнета со Реал на по 60 бода, ама има и меч помалку. Од друга страна Атлетико има 56 бода на третото место.
Претходно во шпанскиот фудбал ефикасно реми одиграа Рајо и Реал Сосиедад (2-2), Хетафе слави кај Осасуна (1-2), Атлетик Билбао триумфира во Севиља (0-1), а Бетис со 2-3 беше подобар од Леганес.