Тренерот на Арсенал, Микел Артета доби жестоки критики за одлуката да му даде шанса на резервниот голман Кепа Аризабалага против Манчестер Сити во финалето на Лига Купот.
„Топчиите“ имаа шанса оваа сезона да ја завршат со четири освоени трофеи, но вчера го загубија првото финале, беа поразени од Манчестер Сити со 0-2 во Лига Купот.
По крајот на натпреварот, Микел Артета беше жестоко критикуван за одлуката да му даде шанса на резервниот голман Кепа Ариабалага, токму Шпанецот кумуваше на поразот откако ја испушти топката од раце во 60. минута и му овозможи на О’Рајли да погоди за 0-1.
„Не ми се допаѓа тоа што вториот голман брани, иако можам да разберам во одредени ситуации“ – вели Џејми Карагер, кој беше еден од оние кои најгласно критикуваа.
„Но Микел Артета не му должи ништо на Кепа. Негова должност е да им донесе трофеј на навивачите на Арсенал, трофеј кој го чекаат шест години“.
„Кепа може да брани во претходните фази, но во финале мора да игра најдобриот“.
„Луѓето можеби ќе ме нападнат мене и ќе посочат дека Келахер бранеше за Ливерпул (во финалето на Лига Купот во 2022). Тој тогаш доби шанса бидејќи Ливерпул очајно сакаше да го задржи, што не е случај со Кепа“.
„Тој е донесен како резерва и едноставно не е калибар за највисоко ниво, тоа веќе се виде во Челси“.
За својата одлука да му даде шанса ка Кепа пред Раја, Артета рече: „Ми се чинеше дека ова е исправно. Играше на сите претходни натпревари и мислам дека немаше да биде фер доколку го седнев на клупа сега. Верував дека ова е исправна одлука. Грешките се дел од фудбалот и за жал денеска грешката се случи во клучен момент“.
ФОТО: X/Arsenal