Арсими со 3-1 го победи Силекс на негов терен, натпреварот се играше по исклучително тешки услови за игра, ова беше првиот меч од 15. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
По високата победа над Шкендија во претходното коло, фудбалерите на Арсими со голема самодоверба отпатуваа во Кратово и направија ново изненадување, овојпат го совладаа Силекс и покажаа дека се во одлична форма.
Мечот се играше по ужасни услови за игра, теренот беше поплавен, па фудбалерите мака мачеа да ја контролираат топката. И во едни такви услови, беа постигнати четири голови.
Резултатот го отвори Мирнел Хуриќ кој постигна гол пред самиот крај на првото полувреме за водство на Арсими од 1-0.
По 15 минути игра во вториот дел Арсими го зголеми водството со гол на нововлезениот Ајдини.
Силекс успеа да се врати во игра кога на 15 минути пред крајот Мирчевски погоди за 1-2. Но кратко траеше надежта на домаќините, во 81. минута Таипи ги постави конечните 1-3.