Екипата на Арсими со јасна визија и силна мотивација го пречекува продолжението од првенството. По интензивна и квалитетно одработена подготвителна фаза, екипата е подготвена да се соочи со предизвиците што ги носи пролетниот дел од сезоната, со фокус на стабилни настапи и остварување на зацртаните цели.
Тренерот на Арсими, Вилдан Салиу, ја оцени подготвителната фаза како исклучително успешна, истакнувајќи го ангажманот, дисциплината и сериозноста што фудбалерите ги покажаа во текот на целиот подготвителен период.
„Подготвителната фаза беше многу важна за нас и сум задоволен од начинот на кој тимот работеше. Подготовките во Хрватска, во Медулин, ни овозможија одлични услови за работа, квалитетни контролни натпревари и значително подобрување на физичката, тактичката и менталната подготвеност на екипата”, изјави Салиу.
Тој додаде дека стручниот штаб работел интензивно на корекција на слабостите и зајакнување на позитивните сегменти од играта.
„Новите засилувања брзо се вклопија во тимот и покажаа голем потенцијал. Очекуваме тие да имаат значајна улога во продолжението од сезоната, зголемувајќи ја конкуренцијата и стабилноста во сите линии на екипата”, нагласи тренерот.
Салиу e јасен и околу очекувањата за овaа полусезонa:
„Очекуваме стабилни настапи, тактичка дисциплина, максимална посветеност и континуиран напредок. Тимот мора да покаже карактер, единство и одговорност во клучните моменти од шампионатот”.
На крајот, тренерот ја потенцира и главната цел на клубот.
„Нашата главна цел останува опстанокот на Арсими во елитата на домашниот фудбал. Со заедничка работа, верба и поддршка од навивачите, убедени сме дека ќе ја оствариме оваа цел и ќе поставиме цврсти темели за иднината на клубот“, заклучи Салиу.
Пролетниот дел за Арсими започнува со сериозен предизвик, бидејќи во рамки на 17. коло ќе се соочи со лидерот на табелата, Вардар. Натпреварот е закажан за 11 февруари и ќе претставува важен тест за подготвеноста, карактерот и борбеноста на екипата во продолжението од домашното првенство.