Арсенал во последните часови од преодниот рок се обидува да направи голем потег и да го засили средниот ред со фудбалерот на Њукасл, Сандро Тонали. Лондонскиот клуб реагираше итно по тешката повреда на Микел Мерино, кој ќе мора на операција и ќе биде надвор од терените подолг период.
Микел Артета веќе стапил во контакт со раководството на Њукасл, но преговорите не се одвиваат лесно. Англиските медиуми пренесуваат дека клубот од „Сент Џејмс Парк“ не е расположен да се откаже од италијанскиот репрезентативец, особено во самата завршница од трансфер периодот.
Тонали има договор со Њукасл до 2029 година и се етаблираше како важен дел од тимот на Еди Хау по враќањето од суспензијата. Италијанецот пристигна во Англија во 2023 година за сума од околу 60 милиони евра, а клубот не размислува за продажба под таа цена.
Сепак, Арсенал е подготвен да плати значително повеќе од очекуваното, со цел да избегне проблеми во средниот ред до крајот на сезоната, но останува неизвесно дали Њукасл ќе попушти пред истекот на рокот.