Арсенал го потврди продолжувањето на соработката со Вилиам Салиба. Францускиот дефанзивец потпиша нов долгорочен договор и ќе остане на „Емирати“ најмалку до 2030 година, јавуваат британските медиуми.
„Се чувствувам како дома. Имаме добар тим, добар стручен штаб и тренер кој е совршен за мене. Ова е најдоброто место за мене. Уживам секој ден кога го носам овој дрес и давам сè за клубот и навивачите. Сега ќе давам уште повеќе“, изјави Салиба за клупската веб страница.
Французинот пристигна во Арсенал во 2019 година од Сент Етјен и досега одигра 140 натпревари, постигна седум гола и освои два трофеи во Комјунити шилд.
Со континуирани настапи и извонредна форма, 24-годишникот се етаблираше како еден од најдобрите централни дефанзивци во Премиер лигата.