Сао Пауло направи смена на клупата Луис Зубелдија си замина, а неговото место повторно ќе го заземе добро познатото име, Хернан Креспо. Аргентинецот потпиша договор до декември 2026 година и се враќа во клубот каде што веќе имаше успешна епизода.
Креспо го водеше Сао Пауло во 2021 година и тогаш го освои државниот шампионат Паулиста. Сега се враќа во значително покомплицирана ситуација – тимот се наоѓа на 14. позиција во Серија А со само една победа во последните седум натпревари, далеку зад лидерот Фламенго. И покрај кризата во првенството, Сао Пауло обезбеди пласман во осминафиналето од Копа Либертадорес, што е еден од ретките позитивни сигнали во последниот период.
Креспо доаѓа од Ал Аин каде што работеше минатата година и ја освои Азијската Лига на шампиони во сезоната 2023/24, а претходно беше и шампион во Копа Судамерикана со Дефенса и Хустиција. Како фудбалер има богата кариера зад себе – играше за Парма, Лацио, Интер, Милан, Џенова и Челси.
Сао Пауло, клубот кој во 2005 година стана светски клупски првак, се надева дека со враќањето на Креспо ќе добие стабилност и ќе се врати на патеките на успехот.
Фото: AFC Champions League