Фудбалската репрезентација на Аргентина го декласира Бразил со 4-1 (3-1) во 14. коло од квалификациите на Светското првенство.
Бранителот на тронот е четврта селекција која си обезбеди мундијалска виза по Иран, Јапонија и Нов Зеланд. Уште пред натпреварот со Бразилците селекцијата на Аргентина имаше обезбеден пласман на Светското првенство по ремито на Боливија и Уругвај (0-0).
Што се однесува до натпреварот, Хулиан Алварез го отвори резултатот во четвртата минута. Веќе во 12. Енцо Фернандез удвои на 2-0. Бразил успеа да се врати во игра преку Матеус Куња, меѓутоа до полувремето Алексис Мекалистер зголеми на 3-1.
Во вториот дел Доривал се обиде да го смени текот на натпреварот, меѓутоа не успеа. Аргентина со голот на Џовани Симеоне ја потврди победата (4-1).
На останатите терени победа забележа само уште Венецуела над Перу (1-0). Реми без голови одиграа Чиле и Еквадор (0-0), а Колумбија и Парагвај одиграа 2-2.